Superior Runs: Урош, најпрвин раскажи ни за себе. Како започна со трчање и што те привлече кон овој спорт
Урош: Започнав да тренирам атлетика кога бев 3та година во средно школо. Сакајќи да го искористам слободното време додека чекав автобус за да се вратам дома од училиште, започнав да спортувам. Во првите неколку месеци немав посебен напредок во атлетиката, но на првиот училишен натпревар на 1000м јас го освоив првото место. Оттогаш го засакав трчањето.
Superior Runs: Кои беа првите предизвици со кои се соочи кога навлегуваше во светот на трчањето?
Урош: Бидејќи со тренирањето атлетика започнав малку подоцна, најголемиот предизвик за мене беше воопшто да продолжам со трчањето. Во мојата дисциплина и категорија веќе имаше тројца тркачи кои беа многу подобри од мене и поради тоа ја немав можност да учествувам на поголемите натпревари ширум Босна и Херцеговина и да се докажам.
Superior Runs: Во 2023 година истрча 81 трка, на 73 од нив освои награда, а 47 пати беше победник. Кои трки би ги издвоил како најзначајни за тебе?
Урош: Најдраги ми се трките на кои што трчам за личен резултат. Oд претходната сезона би ги издвоил:
- Травник 5К, улична трка со време од 14:40
- Novembar Run Гевгелија 10К, улична трка со време од 31:07
- Атлетски митинг Зеница, 3000м, атлетска стаза со време од 8:16
- Балканско Првенство Краљево, 5000м, атлетска стаза со време од 14:44
Во мојата досегашна тркачка кариера како најзначајна ја издвојувам победата на атлетската улична трка вo Чуприја. Исто така и Балканското Првенство во Краљево на 3000м со освоено трето место.
Superior Runs: Опиши ни го твоето секојдневие за време на тркачката сезона. Како го балансираш тренингот, натпреварите и закрепнувањето за да одржиш толку високи перформанси во текот на целата сезона?
Урош: Мојот најголем предизвик е да ги усогласам честите патување на трки со тренинзите, затоа понекогаш тренирам додека сум на пат односно во други градови. Пред една трка, поради умор ми се случи да преспијам во автомобил. Се трудам слободното време максимално да го искористам за одмор и закрепнување.
Superior Runs: Здравата исхрана е неопходна за одржување на формата. Може ли да ни кажеш нешто повеќе за твојата исхрана?
Урош: Исхраната ми е многу важна и ја базирам на јаглехидрати, млечни протеини, зеленчук, овошје и многу течности во текот на денот. Една од карактеристиките на мојата исхрана е тоа што не јадам месо. Не користам често суплементи, а кога користам, тие се претежно аминокиселини.
Superior Runs: Какво е чувството да се освои 1во место на Superior Runs. Сподели ни го твоето искуство од „Superior Runs“?
Урош: За Superior Runs дознав преку официјалниот календар на улични трки во Македонија, а повеќе информации добив преку вашиот вебсајт и социјалните мрежи.
На трката ми беше многу интересно. Ми се допадна патеката за 5км, која сепак не е лесна бидејќи втората половина е со благо искачување. Најголем впечакот ми остави атмосферата, многубројните тркачи, но и навивачи. Таква позитивна атмосфера и публика немам видено на ни една трка во БиХ.
Superior Runs: Освен атлетиката, кои се твоите интереси и хобија? Како тие го надополнуваат твојот живот како професионален спортист?
Урош: Завршив факултет и годинава се запишав на магистерски студи. Покрај тоа сум и фитнес тренер во Таеквондо клубот Рудар Какањ. Некогаш имам и по четири тренинзи на ден со децата, па слободното време ми е целосно посветено на одмор и закрепнувањето, читање книги и гледање филмови. Можам да кажам дека речиси сè што правам е во помала или поголема мера поврзано со трчањето, но целосно поврзано со спортот.
Superior Runs: Кои се твоите идни цели во трчањето?
Урош: Да напредувам во личните резултати како и досега и да останам што подолго во трчањето. Сепак, мојата најголема цел е да го соборам рекордот на БиХ на 3000 и 5000 метри.