Денес, ja имаме честа да разговараме со Бојана Манева, извонредна спортистка од Штип која освен што донесе личен успех преку каратето, таа инспирираше и позитивни промени во нејзиниот град.
Од нејзините рани почетоци во каратето до oсновањето на фитнес центарот „Б Фит“ и реализација на општествено одговорни проекти, приказната на Бојана претставува решителност, страст и влијание.
Superior Runs: Кажете ни нешто повеќе за вашите почетоци во каратето и вашите достигнувања во спортот низ годините?
Бојана Манева: Мојата приказна со каратето започна на шест години, а професионално се занимавам веќе 13 години. Со гордост ја претставувам карате репрезентацијата од триенаесет годишна возраст, напредувајќи низ различни категории – од кадети до сениори.
Низ годините 8 пати ја освоив титулата државен првак, во 2015 год. сум прогласена како најуспешна каратистка во Македонија, а носител сум и на медали од Балканските Првенства. Исто така, чест ми е што веќе три пати сум прогласена за најдобар спортист во мојот град Штип.
Superior Runs: Можете ли да ја споделите приказната за тоа како дојде до идејата за вашиот фитнес центар “Б-Фит”?
Бојана Манева: Секако. И покрај тоа што сум дипломиран електро-инженер со доквалификации на педагошкиот факултет, сепак мојата љубов за спортот ме наведе да тргнам по друг пат. Така се роди идејата да отворам мој фитнес центар, сакав моето 20 годишното искуство да го споделам со заедницата. Во февруари 2021 година, мојот фитнес центар Б Фит започна со работа, моментално имаме над 120 членови распоредени во 8 групи и поделени на рекреативци и спортисти.
Superior Runs: Како вашата љубов кон спортот ве инспирираше да им помагате на другите, особено на оние со попреченост?
Бојана Манева: Сите што се занимавале со спорт, дали рекреативно или професионално, ќе се сложат дека преку него добиваме чувство на сигурност, независност и прифатеност од другите. Зборот “спорт” ме асоцира на дисциплина и посветеност. Низ годините и преку каратето ги имам спознаено сите овие карактеристики и едноставно имав желба сето тоа да го пренесам и на другите. Сметам дека на лицата со попреченост најмногу и недостига ова, па затоа сакав да докажам дека физичката активност може да ја искористеме на многу различни начини, а преку неа тие да се чувствуваат ценети и прифатени.
Освен бенефитите за општата здравствена состојба, тие преку спортските активности ги зацврствуваат своите пријателства, а со тоа се збогатува и нивниот социјален живот.
Superior Runs: Можете ли да споделете со нас за тоа како настана идејата да се работи со лицата со попреченост и како таа еволуираше во проект „Спорт и рекреација за сите“?
Бојана Манева: Секоја година во септември се одржува „Национален ден на Фитнес“, Б Фит во 2021 се приклучи во прославувањето на овoј ден со ораганизирање на настан „Спорт и рекреација за сите“ во спортско рекреативниот центар “Џексон” во Штип. За време на настанот се појавија две лица со интелектуална попреченост и сакаа да учествуваат, а мене ми претставуваше чест тие да бидат дел од нас.
Така стапивме во контакт со нивниот ментор и психолог кои со задоволство ја прифатија целата идеја. Откако поминавме неколку часови заедно сфативме дека ова е тоа што најмногу и треба на овие лица. Денес, веќе две години по ред проектот „Спорт и рекреација за сите“ се реализира беспрекорно со целосна поддршка од Општина Штип. Овој проект и даде можност на лицата со интелектуална попреченост од ЦПЛИП „Порака“ Штип за физичка активност во сала со соодветна опрема која им е потребна на нив.
Superior Runs: Чест ни е што бевте дел од промотивната кампања на „Superior Runs“. Можете ли да ги споделете најважните моменти и вашете искуство од првата градска трка во Штип.
Бојана Манева: Ние како фитнес центар BFit, имаме тим на тркачи кој учествува на повеќето трки кои се одржуваат низ Македонија. Но, отсекогаш ни беше желба да учествуваме на масовна трка во нашиот град. Кога дознавме за здружението „Супериор Ранс“, веднаш сакавме да стапиме во контакт, да се приклучиме и допринесеме за целиот настан. Најпрво голема благодарност до сите штипјани кои излегоа во масовен број, волонтери и навивачи, со тоа докажавме дека градот Штип дефинитивно заслужува еден ваков настан. За нас претставуваше огромна чест и задоволство да бидеме дел од програмата, загревајќи ги тркачите пред својот настап. Чувството да се трча во својот град беше неверојатно, опкржени со аплаузи и мотивација од штипјани.
Благодарност и на “Superior Runs” тимот за будење на ваквото чувство, со желба дека сето ова ќе стане традиција за нашиот град.
Superior Runs: Каква порака или совет би им дала на другите кои можеби се инспирирани од твојата работа и сакаат да имаат позитивно влијание врз нивната заедница преку спорт и фитнес?
Бојана Манева: Најважно од се е да ја сакаат работата што ја работат и да ја работат работата што ја сакаат.Заедно да покажеме повеќе емпатија меѓу нас, разбирање и љубов. Бидејќи на крајот единствениот успех се сведува на тоа да се биде добар и хуман човек.
Superior Runs: Кои се твоите идни планови?
Бојана Манева: Мојот план е да продолжам професионално да се занимавам со мојата страст – каратето. Оваа година учествував на Премиер лигата – Сериа А во Атина, Грција и Европското првенство кое се одржа во Гвадалахара, Шпанија. На медитеранското првенство кое се одржуваше во Тунис бев 7мо пласирана, истиот пласман го остварив и на Европското Универзитетско Првенство во Загреб, Хрватска. Се стремам кон уште подобри резултати во Премиер лигата која ќе се одржи во Кипар, а главен фокус за мене е овогодишното Светското првенство во Будимпешта. Во однос на BFit и проектот за лицата со попреченост, ние сме посветени на одржување на нашето сегашно темпо и проширување на позитивно влијание во заедницата.