Интервју со Тони Манев: Истрчав 177,5км. Mојот сон сега е реалност.
Тони детално ни раскажа за највозбудливите моменти од неговата авантура и преку совети ни зборуваше за менталната подготвеност која е потребна за овој спорт, или како што вели тој – „Поддршката го прави човек најсилен во умот, бидејќи умот го води телото кон целта.“
Освен за неговиот успех, тој раскажа и за спортските почетоци, а ги најави и неговите идни планови во спортот.
Superior Runs: Кажете ни нешто за вашите почетоци во спортот и од кога трчате?
Тони Манев: Во спортот сум цел живот. Со фудбал се занимавам од моја 9-годишна возраст, низ сите категории на ФК Брегалница, преку ФК Јака Радовиш, сѐ до ФК Осогово Кочани. А сега играм рекреативно,
со пријателите. Со трчање, од друга страна, започнав пред околу 5 години. Мојата прва планинска трка беше 16км. Претешки први чекори во треил трките, но сепак успеав и од тука започна сѐ. Следниот ден веќе ја барав следната.
Superior Runs: Кои беа првите предизвици со кои се соочивте кога навлегувавте во светот на трчањето?
Тони Манев: Најголем предизвик уште од старт ми беше со секоја следна трка да се пријавувам на поголема дистанца, без некои поголеми тренинзи. Затоа што веднаш после дебито на 16км, се пријавив на Беласица Sky Run (33км). Потоа веќе следуваа Водно-Матка (42км), Пелистер Ултра Треил (62км), мојата прва стотка Охрид Ултра Треил (100км), Скардус Ултра (110км), UTMB (177,5км), итн.
Да не заборавиме и на финансиите. За настапи во нашата држава се финансирам исклучиво од свој џеб. За ултра-маратонот во Словенија многу ми помогнаа пријатели, особено иселеници. Нашата држава за жал нема слух за тоа, иако јас бев единствениот претставник од толку држави кој го носеше знамето сите тие 177.5км на грб – најпрепознатливиот натпреварувач за кој сите знаеја од каде доаѓа.
Superior Runs: Знаеме дека имате големи достигнувања во спортот, кои од нив би ги издвоиле како најзначајни за вас?
Тони Манев: Најзначајна ми е секоја успешно завршена трка без повреда, бидејќи има и такви кога мислиш дека си најспремен и во пол-позиција, а некаква повреда ќе си го земе данокот.
Сепак, тука се две втори места во Копаоник, Србија и Македонска Каменица, како и шесто место на Скардус Ултра. Секоја ја памтам како да беше вчера, но последната трка во Словенија од 177,5км е она за кое што сонував овие 5 години, а кога сонот ви е исполнет тогаш знаете што е најзначајното нешто во спортот и за што точно сте горди.
Superior Runs: Кога сме кај тоа, истрчавте 177,5 километри за 45 часа, 35 минути и 59 секунди.
Дали би можеле да ги споделите највозбудливите моменти кои ја тестирале вашата физичка и ментална издржливост. И како ги надминавте?
Тони Манев: Возбудата започна при самото пристигнување во Крањска гора. Организаторот на ден пред стартот “нѐ почасти“ со тоа што ја зголеми должината на трката од 174км на 177,5км, а наместо 8.000м искачување, го зголемија на 10.720м и сето тоа многу позитивно ми влијаеше. Емоциите ме совладаа уште утрото кога со организиран превоз нѐ транспортираа до стартот. Неописливо е да сте дел од ваков настан кој е дел од UTMB World Series Finals.
Првите 30км мислам дека беа најтешки. Беше пеколно топло, а уште пред стемнување почнаа и првите откажувања. Ги гледав како им се руши сонот кога го оставаa GPS уредот на контролните станици, а тоа само може да значи крај. Сочувствував со луѓето, ама тоа ми даваше и сила дека јас ќе бидам еден од оние кои ќе ја минат целта. Долг период од првата ноќ трчав сосем сам. Бев фокусиран на тоа што следува после 100км, познат како “ѕидот“, вертикал од 1,600м, ама тука бев и најспремен со умот,
па едноставно го “прелетав“. Ќе ја издвојам и втората ноќ, кога требаше да бидам присебен и за мене и за уште двајца тркачи.
Едната со големи болки во стапалата, а другиот премрзнат и дезориентиран, а теренот беше лош, стрмен и насекаде провалија. Не можев да си дозволам да ги оставам, па со намалено темпо движевме речиси цела ноќ. Прекрасно е чувството кога некој на финиш ќе ви каже дека успеал само заради вас!
Superior Runs: Овој предизвик го завршивте на 53-то место во генерален пласман и 14-то во ваша категорија.
Какво беше чувството кога ја поминавте целта, земајќи ги во предвид многубројните физички и ментални предизвици?
Тони Манев: Ултра маратонот го завршив во предвидениот даден рок, а тоа беше најбитно. Чувството да слушнете како го изговараат вашето име, вашата држава и дека секој момент ќе пристигнете на целта ви помага да заборавите на сите проблеми, сите болки и едноставно итате кон крајот,
а тоа всушност беше и моето најбрзо време од целата трка.
Тука веќе престанувате да мислите. Сонот е остварен и тоа е тоа.
За да ја разбере некој целата таа среќа, емоција, има само еден начин: да облечете патики и да го направи истото. Чувството е неописливо.
Superior Runs: Можете ли да споделите некои детали за периодот додека се спремавте за ултрамаратонот?
Тони Манев: Кондициски морав да се подготвувам на пеколни температури. Знаеме какво лето имавме, но и тоа беше мотив плус.
Трчав секој ден, а некогаш и двапати во денот. Не форсирав големи дистанци, 15км до 25км на ден, ретко до 30км. Најбитната работа во припремите е да си спремен психички. Ако човек ментално не е подготвен не може да успее. Јас бев фокусиран на тоа дека ќе го истерам тој подвиг до крај.
Тука ќе се заблагодарам и на луѓето кои ме поддржаа. Поддршката го прави човек најсилен во умот, бидејќи умот го води телото кон целта.
Superior Runs: Трките од овој тип се екстремно напорни
за човечкото тело.
Можете ли да споделите некои совети за брзо и ефикасно закрепнување?
Тони Манев: После таков напор, логично е да му дадеме на телото заслужен одмор. Одморот подразбира регенерација на мускулите.
Храната и хидратацијата во комбинација со квалитетен сон се многу важен процес во целата постапка на опоравување.
Superior Runs: Каков совет би му дале на некој кој размислува прв пат да се натпреварува на ултрамаратон?
Тони Манев: Ако сте спремни ментално да се справите со целиот тој предизвик и ја сакате планината, тогаш можете слободно да ги стегнете врвките и да се припремате физички. Само со присебен ум и со добар пристап кон планината може да се успее.
Superior Runs: Кои се вашите идни планови како ултрамаратонец?
Тони Манев: Ако мислев дека оваа трка за мене ќе биде максимумот, се излажав сам. Се уште е рано, но веќе имам планови за нова авантура,
нов рекорд. Како и да е ќе биде 200км+, а колку плус не зависи само од мене, зависи и од тоа каков спонзор ќе застане позади мене.