Интерјву со Радмила Јованова: Истрчав 162км и освоив 2-ро место на ултрамаратон
Во пресрет на Strumina Trail, направивме интервју со штипската атлетичарка Радмила Јованова, која воедно е дел од Trex – организатори на Strumina Trail. Неодамна во Грција на „Virgin Forest Trail“ таа истрча 162км за 30 часа, 38 минути и 5 секунди, со што го освои второто место во нејзина категорија. Радмила подеталнo ни раскажа за импресиите и предизвиците од трката во Грција, за тренинг програмите и подготвеноста која што ја бара ваков вид на ултрамаратони. Откривме дел од нејзините почетоци во тркачкиот свет и што е она што ја одржува мотивирана и спремна за нови предизвици, а воедно ја искачува на листата на најдобри атлетичарки во Македонија.
Superior Runs: Како започнавте со трчање и што ве привлече кон овој спорт?
Радмила: Уште од најмала возраст покажав интерес кон атлетиката, учествував на сите училишни и крос трки во градов. Во 7мо одделение започнав да тренирам атлетика во АК „Брегалница“ Штип и тоа траеше околу 5 години. Но, поради повреда во коленото и други околности, морав да се откажам. Сепак во тој период од пет години остварив одлични резултати на државно ниво. Тогаш се натпреварував во дисциплините 100м и 200м. За време на средношколските и факултетските денови продолжив да трчам, но не толку активно и не со тој интензитет, иако љубовта кон атлетиката секогаш ја имав и чувствував.
Во 2018 година, на покана на еден пријател, за прв пат се пријавив на планинска трка – „Крали Марко“ во Прилеп, организирана од здружението „ТРЕКС“ каде сега сум активен член, со должина од 16км и висинско искачување од 750 метри. Бидејќи претходно немав трчано на ридско-планинска трка, тоа за мене беше едно незаборавно искуство, едноставно се чувствував како да имам истрчано 100км. И така сѐ создаде конекцијата помеѓу мене и планинското трчање, која трае и до денес и се надевам дека никогаш нема да згасне. На планина се чувствувам слободно, смирено, ослободена од секакви грижи, таму си го наоѓам мирот и спокојството. За мене престојот во природа е извор на живот.
Superior Runs: Зад себе имате безброј трки и успеси, кои од нив би ги издвоиле како најзначајни за вас?
Радмила: Во основно уличиште бев државен првак на Македонија во категоријата 100м во јуниорска категорија, но морам да признаам дека од сегашен аспект резултатот и не е баш воодушевувачки. Во однос на планинските трки, како најголем успех би ја издвоила последно истрчаната трка во Грција – „Virgin Forest Trail“. Таму за прв пат истрчав 162км и освоив 2ро место во женска категорија, но освен тоа ги надминав и сопствените очекувања, сомнежи и стравови, што за мене лично е најголемата награда.
Superior Runs: На „Virgin Forest Trail“ во Грција истрчавте 162км со висинско искачување од 7000 метри за 30 часа 38 минути и 5 секунди.
Дали би можела да ги споделиш највозбудливите моменти кои ја тестирале твојата физичка и ментална издржливост. И како ги надминавте?
Радмила: Поминав долг и сериозен тренинг процес пред трката, но сепак за време на самата трка се соочив со неколку препреки кои ја тестираа пред сѐ мојата ментална, а потоа и физичката подготвеност. Уште на 40-тиот км почувствував болки во стапалата поради лош избор на патики со кои стартував, но за среќа, на 60-тиот км, каде беше првата поголема контролна станица, ги сменив патиките и продолжив. Токму на 60-тиот км се соочив со вториот предизвик, а тоа беше како ќе ја поминам ноќта трчајќи сама во планина со оглед дека Родопите и пределот каде што трчавме е „богат“ особено со мечки и други диви животни, а веќе почнуваше да паѓа мрак и мислам дека ова беше пресуден момент за како ќе продолжам понатаму. За среќа, се групиравме со уште еден тркач од Крит, Грција, со кој имавме приближно исто време и темпо, па решивме тие 13 часа во ноќ да ги трчаме заедно.
Наутро, околу 4 часот, веќе активно трчавме над 20 часа и тогаш за првпат на трката почувствував поспаност, телото ми беше премногу активно, а мозокот ми спиеше. За среќа, следната контролна точка беше на околу 3км, каде што земав кафе, супа, и веднаш продолжив.
Околу 7 часот наутро, ние веќе бевме на 127-миот км каде беше втората поголема контролна станица. Овде веќе се чувствував многу свежа, иако имав болки во целото тело, но ништо не беше поголемо од мојата желба да ја завршам трката. Притисокот беше уште поголем бидејќи знаев дека сум втора во категорија жени, но не знаев која е временската разлика помеѓу мене и третата жена, а нормално дека сакав да ја задржам таа позиција, така што дадов максимални напори во последните 40км.
И на трката во Хрватска во април оваа година, која беше моја прва трка над 100км и на оваа трка сега, знаев дека најважно што треба да го направам е да имам смирен и релаксиран ум, да не се плашам од предизвикот, да бидам дисциплинирана, добро да се хранам, хидрирам и да уживам.
Superior Runs: Како управувате со храната и хидрацијата за време на трка од ваква големина. Дали имате некои клучни намирници или извори на енергија кои го одржуваат вашето ниво на енергија во текот на целата трка?
Радмила: Управувањето со храна и хидратација за време на ваква трка е цела една наука и невниманието во овој поглед може да ви го уништи целиот претходен процес на подготовки. За време на трката најмногу земав енергетски гелови и барови, како и електролити и други суплементи богати со соли бидејќи за време на трката се губат многу течности и потребно е да се внесува доволно сол и минерали, како би се избегнала појава на грчеви во мускулите. Секогаш треба да јадете и кога не ви се јаде, бидејќи ако само во еден момент си дозволите да останете без енергија, тоа тешко се надокнадува и може да ве чини цела трка.
Испив околу 13 литри течности и на секоја контролна станица јадев многу супа – тоа е моето омилено јадење за време на трка, а Грците имаа домашна супа која е слична на тарана и беше многу вкусна.
Superior Runs: Кои фактори влијаат за да направите одмор за време на ултрамаратонот и како се справувате со исцрпеноста и заморот?
Радмила: Не можете однапред да предвидете кога ќе ви биде потребен одмор и како телото ќе реагира. Секогаш треба да го слушате телото што ви кажува бидејќи тоа најдобро знае што му се случува. Поспаноста за време на трката ја решавав со земање на кофеин и храна за енергија, а болките во мускулите ги решавав со таблети против болка, како и магнезиум за грчевите, иако немав многу. Најголем лек за сѐ беше упорноста и желбата да го завршам предизвикот.
Superior Runs: Какво беше чувството кога ја поминавте целта, земајќи ги во предвид многубројните физички и ментални предизвици?
Радмила: Финиш линијата ја поминав држејќи во раце две дечиња на мои многу блиски пријатели, кои дојдоа од Штип за да ме пречекаат и бодрат на финишот. Чувството беше преубаво, полно со емоции. Во тој момент не чувствував умор и болка, чудно е како убавите моменти ги надвладуваат сите препреки.
Знаев дека мојата фамилија и сите мои блиски ме следат два дена додека трчав и беа под стрес заедно со мене и многу ми беше драго што сѐ заврши добро, а освојувањето на второто место беше гратис
Superior Runs: Би сакале да ни споделите и некои детали за периодот додека се спремавте за „Virgin Forest Trail“.
Радмила: Имав интензивни тренинзи кои траеја околу два месеца, со минимум по 5 тренинзи неделно. Секој тренинг обично трае по околу 2 до 2:30 часа, а за викенди и повеќе. Неделно трчав по околу 100 км, еден ден неделно вежбав брзина, додека останатите денови тренирав издржливост.
Superior Runs: Како и кога знаете дека сте спремна за трка од 160км и на кој начин ги симулирате условите, особено во однос на висина, терен и време?
Радмила: За да се пријавите на трка со должина од над 100км треба секако претходно да имате искуство во трчање на подолги дистанци. Потребна е и силна ментална подготвеност која исто така се вежба за време на тренинг процесот, особено во деновите кога воопшто не ви се трча, или пак кога временските услови се многу лоши, а знаете дека морате да го завршите тренингот до крај. Покрај индивидуалната подготвеност, за да се пријавите на трка од наков карактер, потребно е да имате одредени бодови кои се собираат од трки, конкретно за трката во Паранести услов за да може некој да трча е да има завршено една трка од минимум 80км и една трка од минимум 100км во последните две години.
Тренинг програмата ја креирам во зависност од природата на самата трка. Во зависност од тоа дали станува збор за трка со потрчлив терен, потехнички терен, колку висинско искачување има итн., такви се и самите тренинзи. За трката во Хрватска од 110км и оваа во Грција од 160км, околу 70% од неделните истрчани километри беа на рамно, додека околу 30% на треил, каде вежбав висина. Целта беше да се направи база на што е можно повеќе истрчани километри, со цел да бидам подготвена да трчам и кога сум уморна и кога не ми се трча, бидејќи нели со такви моменти се соочувате и на самата трка.
Трките од овој тип се екстремно напорни за човечкото тело. Каков процес на опоравување следува по истрчаните 160км?
Радмила: На оваа тема не сум многу компетентна да зборувам, и ова е тоа на кое треба повеќе да тренирам во иднина, бидејќи многу малку правам вистински одмор, а одморот е всушност најдобриот тренинг. Дефинитивно она што му треба на телото е добар сон и мирување, и нормално многу храна и течности. Јас за време на оваа трка изгубив над 13.000 калории, и ова го надокнадувам еве веќе втора недела. Не преферирам било какви масажи после трката бидејќи и самите мускули се многу воспалени, па не се препорачува, едноставно потребно е само храна, одмор и доволно сон за да телото се врати во нормала.
Superior Runs: Радмила, освои 3-то место на 5км во женска категорија на првото издание од „Superior Runs“. Чест ни е што бевте дел од нашата трка. Можете ли да ги споделете најважните моменти и вашето искуство од „Superior Runs“?
Радмила: Ви благодарам, и мене ми беше огромна чест да присуствувам на првото издание на Superior Runs. Иако за мене лично планинските трки се она што повеќе ме привлекува, сепак да се трча во сопствениот град беше голем предизвик и обврска пред сѐ, особено за нас кои се занимаваме полупрофесионално со атлетика, за да ја испочитуваме Вашата иницијатива и да ја поддржиме идејата.
Според мене, Superior Runs беше трка организирана на највисоко ниво, преубав настан кој се надевам и би сакала да продолжи и во иднина. Особено бев изненадена од поддршката на нашите сограѓани, бидејќи искрено не очекував посетеност во толкав број како во поглед на публика, така и во поглед на учесници