Интервју со Бале Брзи:
Имам 71 година, а трчам како да имам 30
Благоја Ацковски, меѓу тркачите познат како Бaлe Брзи, накратко ни кажа зошто се чувствува како 30 години иако има полни 71. Роден е во с. Горно Лисиче во 1953 година, а неговиот талент за атлетика е забележан уште од средното училиште, каде што се здобива со неколку признанија. Поради животни обврски прекинува со спортот и прави пауза долга 40 години. За среќа, на 63 год. сè враќа пак на трчањето и од тогаш се посветува на секојдневни тренинзи и натпреварувања. Само во 2017 година, тој успева да истрча околу 100 полумаратони, постојано завршувајќи меѓу првите во неговата категорија.
Неговата голема колекција на медали и трофеи служи како доказ дека Бале Брзи е една најголемите легенди на Балканот.
Superior Runs: Раскажете ни за вашите почетоци во трчањето?
Бале Брзи: Роден сум на 28-ми мај, 1953 година во с. Горно Лисиче каде и денес живеам. Уште во основно и средно училиште бев меѓу најбрзите во одделението. Како средношколец двапати освоив второ место на ниво на град Скопје.
Во четврта година гимназија отидов на стариот градски стадион, лево од влезната врата се наоѓаше АК Вардар, а десно АК Работнички. Одлучив да се зачленам во АК Вардар. Така една година, а потоа уште една во АК Работнички. Толку беше од моето тогашно трчање на средни и долги патеки. Потоа следуваа други обврски како војска, работа, женидба, итн.
Superior Runs: Повторно почнавте да трчате на 63 години по пауза од 40 години. Што ве инспирираше да се вратите на трчањето?
Бале Брзи: На 59 години станав планинар во ПК Кораб, а потоа и во други планинарски друштва.
За неколку години ги искачив повеќето планини во Македонија и Бугарија. Тоа беа прекрасни моменти, глетки, доживувања, нови пријателства, но и осознавање дека си дел од една волшебна природа со планини, врвови, реки, водопади, езера, шуми и ливади. Со време планинарењето ми стануваше бавно, а во мене гореше желбата за брзина. Така после 3-4 години на 63-годишна возраст почнав да трчам на Водно до 10км.
По паузата, првите трки ми беа планински. „Прв до врв“ го трчам и денес под 50 минути.
На „Крали Марко“ на 16км и 34км сум секогаш меѓу првите. Маратонот „Водно-Матка“ го завршувам за 7 часа и се пласирам меѓу првите 15 од сите натпреварувачи. Редовно трчам на „Чупино“ во Виница од 30км до 60км. И уште многу други трки по Шар Планина, Скопска Црна Гора и сл.
После пензионирањето во 2017 год. бев слободен и истрчав 100-тина полумаратони, 10-тина маратони и многу пократки трки. Трките беа низ просторите на поранешна Југославија и Бугарија.
Денес на 71 година сè уште трчам како да сум на 30 годишна возраст и секогаш сум во првата третина од сите тркачи.. Трчањето ми е во душата. Еднаш или двапати неделно трчам од 15км до 30км. Секогаш имам премногу енергија во себе и се чувствувам празен во душата ако не се истрчам.
Superior Runs: Интересно е што за вашиот 70-ти роденден организиравте роденденска трка. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за овој настан, како дојдовте до идејата, колку луѓе учествуваа и сл?
Бале Брзи: Спортисти секогаш ќе има, но над 70-годишна возраст се реткост. Затоа решив седумдесетиот роденден да го прославам со трка покрај кејот на Вардар.
Трката беше симболично – 7км., а имаше повеќе од 100 тркачи. Наградени беа тркачите до 7мо место, во машка и женска категорија со награди од мое лично производство. За прво место награда беше 5кг лешници, за второ 4кг, итн. Потоа имаше лотарија со домашни производи, чаеви, компоти, мармалади и домашна ракија. Тркачите беа послужени со торта, баклава, пиво, вода, сокови и др.
Следната година повторно ќе организирам трка на 7ми aприл, мојот именден. Се паѓа во недела и ги канам сите читатели да учествуваат или да навиваат. Повторно ќе има награди од мое лично производство.
Superior Runs: Се имате искачено на многу планини и имате богато искуство во планинарењето.
Како вашето искуство во планинарењето влијаеше на вашиот пристап кон трчањето и дали гледате сличност помеѓу двете активности?
Јас веднаш после трчање одам на планина, за да не биде сè едно исто цело време. На планина одам со одбрано и позитивно друштво. Планината секогаш дава нешто. Најпрво чист воздух, вода, убавина, но и планински плодови – јагоди, малини, боровинки, па сè до шипинки на зима.
Superior Runs: Можете ли да ни го опишете чувството како е да се биде во одлична форма на ваша возраст и како тоа влијае на вашето секојдневие?
Бале Брзи: Постојано сум во движење, како ајкула. Немам време да мислам на лоши нешта, сакам позитивна енергија на секој начин. Подарувам од сè што имам отповеќе во подрумот.
Препознавам негативност од далеку и предвреме ја одбегнувам.
Superior Runs: Мотивирате секакви возрасни групи да се занимаваат со трчање.
Каков совет би му дале на некој што размислува да започне со трчање подоцна во животот?
Бале Брзи: Многу се радувам кога ќе ми кажат дека започнале да трчаат поради мене. Велат дека кога можам јас на 70 год. да трчам, можат и тие на 50-60 години. Нескромно ќе кажам дека постојано сум побрз на трките од 70% од помладите. Нема ограничување за спорт. Кој сака може да почне кога сака. Годините се само бројка.
Superior Runs: Во вашето атлетско патување, учествувавте на бројни трки од градски до маратони и планински трки. Можете ли да споделите некои од вашите незаборавни моменти и успеси?
Бале Брзи: Првиот полумаратон ми беше во Врање 2017 година. Трчав солидно и патеката поминуваше покрај споменикот на Бакија Бакиќ, најпознат трубач и таму решив да подзастанам и да се сликам со уличните трубачи кои свиреа плех музика. Невидено доживување беше тоа, а пак истрчав за 1 час и 48 минути. Прв маратон ми беше во Љубљана 2018 година. На почеток врнеше дожд, а потоа беше облачно и студено, па повторно дожд. Мајки со деца навиваа накиснати. Но јас сум многу издржлив затоа што работам на нива и тренирам на многу жешко и ладно време. Секоја трка е посебно доживување. Особено ги подучувам помладите како да трчаат. Сепак со годините сум научил нешто повеќе.
Superior Runs: Кој е вашиот рецепт за одржување на ваквата форма и како успевате да останете конкурентни?
Здрава исхрана, редовен тренинг, комуникација со луѓе и верба во Бога.
Superior Runs: Здравата исхрана е неопходна за одржување на нивото на енергија. Можете ли да ни кажете нешто повеќе за вашата исхрана?
Бале Брзи: Јадам од 3 до 5 оброци дневно. Наутро и навечер обично јадам мед, мармалад, сутлијаш, ајвар, итн. За ручек претежно чорби, леќа, компир, грашок и боранија. Месо конзумирам многу ретко. Овошје користам во големи количини, како и ореви и лешници од мојата нива. Целосно избегнувам индустриски преработки како паштети, салами, чипсови, смоки и слично. Сокови сам си правам од мента, нане, маточина, босилок со лимон и малку шеќер. Со алкохолот сум скаран. Човек треба да е умерен во исхраната. Посветен сум повеќе на духовното отколку на материјалното.
Засега се чувствувам како млад човек и никој не ми дава 71 година. Додека Господ ми дава сила, мислам да трчам, да работам и да се движам.
Superior Runs: Кои се вашите идни цели во трчањето?
Бале Брзи: Сакам да продолжам да тренирам и да учествувам на трки, но пред сè подолги патеки.
Тоа се однесува на градските и на планинските трки. Би се испробал на некои од планинските трки каде што досега не сум учествувал.
Одам на трки кај нас или во блиското соседство, во Србија и Бугарија, не подалеку. Сепак сум стар човек и со ограничени средства. Најважно од сè е дружењето со позитивни луѓе.