Анастасија e 20-годишна девојка од Струмица која минатата година на Superior Runs го освои првото место на трката од 5км.Таа е вљубеник на природата и ентузијаст за секоја физичка активност. Од мала возраст тренира, а на 8 години започнала и со спортот ориентација.Таа ни раскажа за искуството од учествата на европските и светски првенства и освоеното прво место на Југоисточното Европско првенство во 2023 година.
Superior Runs: Како започна со трчањето и што те привлече кон овој спорт?
Анастасија: Со трчање започнав сосема спонтано пред три години. Една година по пандемијата и кратко после мојот 17ти роденден одлучив да си поставам предизвик: да излезам надвор и да трчам секој ден, еден цел месец. Набргу, трчањето ми стана омилен дел од денот. Можам да кажам дека најмногу ме привлекува чувството кое го имам за време, но и после самото трчање. Чувството на исполнетост и завршување на зададената цел е непроценливо.
Superior Runs: Кои беа првите предизвици со кои се соочи кога навлегуваше во светот на трчањето?
Анастасија: Уште од 5 годишна возраст се занимавам со најразлични спортови. А, трчањето беше составен дел од нив. Па, можеби и затоа немав некој поголем предизвик. Секој спорт не учи на дисциплина и затоа сметам дека е многу важно децата да спортуваат уште од мали нозе
Superior Runs: Зад себе имаш безброј трки и успеси. Кои од нив би ги издвоила како најзначајни?
Анастасија: Со ориентација започнав во 2012 година и за мене тоа е најуникатниот спорт, кој подеднакво бара физичка спремност и навигација во просторот. Како најзначајни успеси би ги издвоила освојувањето на првото место на Југоисточно-Европското првенство во 2023 година во Босна и Херцеговина, третото место во 2022 година во Романија, во спринт дисциплината во категорија на девојки до 20 години како и второто место на Медитеранското Првенство во 2023 во Португалија.
Superior Run: Имаш освоено прво место на Југоисточно-Европското првенство во 2023. Со кои предизвици се соочи и како ги надмина?
Анастасија: Токму на Југоисточното-Европското првенство го доживеав најголемиот тест на мојата упорност. На почетокот на трката се соочив со мала сообраќајна незгода, кога еден автомобил удри во мене. За среќа не се здобив со сериозна повреда. Без размислување продолжив да трчам, иако изгубив неколку секунди, дадов се од себе и го освоив првото место. За сите кои го читаат ова интервју, запомнете никогаш да не се откажувате, и покрај било какви препреки.
Superior Runs: Во 2022 година учевствуваше на Светското Првенство во ориентација, раскажи ни го твоето искуство?
Анастасија: Светското првенство во ориентација ќе го паметам засекогаш. Таму за прв пат се соочив со директен предизвик да се натпреварувам со најдобрите спортисти од целиот свет. Ја видов нивната посветеност и начинот на кој што тие тренираат, живеат и ги даваат последните сили за што побрзо поминување на финиш линијата, буквално борејќи се за една милисекунда. Светско првенство е настан кој што секој спортист се труди и треба да го доживее барем еднаш во својата спортската кариера.
Superior Runs: Како го балансираш твојот фитнес начин на живот со другите хобија и обврски?
Анастасија: Начинот на живот многу влијае на тренинзите на секој спортист. Кога сакаш посериозно да се занимаваш со спорт, најважно е да бидеш континуитиран со тренинзи и да не дозволиш било кои други случувања од животот да влијаат на твојата дисциплина. Исто така треба да се внимава на исхраната и квалитетниот сон.
Superior Runs: Дали следиш специфичен режим на исхрана при подготовка за трка и општо за подобрување на твоите спортски перформанси?
Анастасија: На околу 13 годишна возраст одлучив да престанам да јадам месо и месни производи. Затоа, многу ми е важно да внесувам доволно протеини преку други намирници, како клучен макронутриент за опоравување на мускулите после тренинг. Во деновите кога имам трки јадам исто што и останатите денови. Омилен оброк 2-3 часа пред тренинг или трка ми е овесната каша, како супер извор на јагленихидрати кои минсе потребни за енергија.
Superior Runs: Анастасија, освои 1-во место на 5км во женска категорија на првото издание од „Superior Runs“. Чест ни е што беше дел од нашата трка. Може ли да ни го раскажеш твоето искуство на „Superior Runs“?
Анастасија: Superior Runs е трка која пријатно ме изненади и со сигурност можам да кажам дека беше една од најдобро организираните трки на кои имам учествувано во Македонија. Не можам да најдам ниту една најмала замерка. Атмосферата беше толку топла, насекаде блескаа насмеани и задоволни лица. Буквално се беше точно испланирано до најситен детал и од далеку се гледаше посветеноста на вас како организатори и волонтерите.
Superior Runs: Каков совет би им дала на оние кои сакаат да се занимаваат со трчање, но се уште немаат започнато?
Анастасија: Само почнете да трчате. Ве уверувам дека нема да зажалите. Знам дека многу луѓе мислат дека не можат и дека „трчањето не е за нив“. Според мене трчањето е за сите, за рекреативци и професионалци. И за стари и за млади, за деца и за родители. За почеток не ви е потребна никаква посебна опрема. Само вашата желба. А, трчањето ќе ви врати, верувајте. Ќе бидете поздрави, посреќни, со подобар сон, психички ослободени и со видно поквалитетен живот.
Superior Runs: Кои се твоите идни цели во трчањето?
Анастасија: Трчањето покрај тоа што ми е пасија, ми стана и опсесија. Сакам постојано да се подобрувам во секоја смисла, да бидам побрза, поиздржлива, поспремна. А се надевам со тоа ќе успеам да го осигурам и своето учество на многу европски, светски и меѓународни првенства во ориентација.