Superior Runs: Кажете ни нешто за вас и за вашите почетоци во спортот.
Игор Митревски: Од 7 години почнав да тренирам фудбал. Се посветив на тоа до 19 години кога наидов на сериозна повреда на ‘рбетот. Тоа беше поразителен момент за мене бидејќи вложив многу во фудбалот и имав голем потенцијал. За жал, докторот ми препорача целосно да прекинам со тренинзите поради повредата на ‘рбетот.
Superior Runs: Можете ли да го споделите вашето прво искуство во триатлон со нас?
Игор Митревски: Мојот прв натпревар во триатлон беше во 2012 година и тогаш многу малку знаев за оваа спортска десциплина. Еден близок пријател ме покани да учествувам и ми рече: „Знаеш да трчаш, пливаш и да возиш велосипед, само ти треба малку тренинг и ќе бидеш спремен.“
Заинтригиран од предизвикот, се пријавив на „Escape to Miami“, еден од најпознатите триатлони во Флорида, каде што живеев во тоа време. Нарачав велосипед за триатлонот преку интернет без да знам многу за опремата, но изгледаше привлечно на сликата, па решив да го купам.
Superior Runs: Триатлоните може да бидат физички и ментално напорни. Како се справувате со предизвиците на настаните како што е триатлонот Challenge Roth?
Игор Митревски: Справувањето со предизвиците на триатлоните бараат и физичка и ментална подготовка. Challenge Roth е тежок триатлон кој бара жртвување за многу работи. Следев 16-неделен тренинг план, тренирав 10 пати неделно.
За викенд сесиите беа особено исцрпувачки, траеја колку работна смена.
Challenge Roth е познат по својата одлична организација, посветени волонтери и преку 200.000 луѓе во публиката кои беа вистинска поддршка. На моменти во текот на трката се чувствував како да се натпреварувам на Tour De France.
Superior Runs: Дали би можеле да споделите некои клучни стратегии или тактики кои придонеле за вашите извонредни резултати во триатлонот?
Игор Митревски: Триатлонот Challenge Roth го завршив за 10 часа, 9 минути и 56 секунди. Трката се состоеше од 3,8 км пливање, 180 км возење велосипед и 42 км трчање.
Не следев никакви посебни процеси, тренингот може да направи да се чувствувате подготвени, но за време на трката, неочекувани фактори можат да влијаат на вашите перформанси. Мојот тренинг во Германија беше посоодветен за рамни стази, додека
Challenge Roth имаше два предизвикувачки ридови од 2-3 километри. Дополнително, трката се одвиваше на жешки температури од 34 C°. Од ова искуство, научив дека тренингот не може целосно да го симулира искуството во триатлон. И покрај тоа што наидов на неколку проблеми кои влијаеа на моите перформанси, не се откажав и задоволен сум од мојот резултат.
Superior Runs: Што е следно за вас?
Игор Митревски: Веднаш по Challenge Roth почнав да ја барам мојата следна авантура. Со Superior Runs ќе учествувам на триатлонот „IRONMAN Copenhagen“, а потоа ќе учествувам на „BMW BERLIN-MARATHON 2023“. Моментално сум во одлична форма и возбуден за она што ме чека!