Дарио Ивановски е најдобриот атлетичар во историјата на Македонија.
Тој го оствари својот сон на ЛОИ 2024 во Париз и стана првиот македонски олимпиец кој завршил една маратонска трка. Балкански шампион, повеќекратен балкански медалист, актуелен рекордер на Македонија во 9 дисциплини се само дел од епитетите и достигнувањата на Ивановски.
Дарио е победник и на првите две изданија на Superior Runs во 2023 и 2024 година.
Superior Runs: Што те инспирираше да почнеш да трчаш, и како ја започна својата атлетска кариера?
Дарио: Општо познато е дека трчањето како базичен спорт е секогаш супер опција за било кој спортист. Во мојот случај јас додека бев успешен во боречките спортови трчав за да ја одржувам кондицијата за следните борби. Доживеав потешка повреда на крајот на 2014та година и моето враќање беше базирано на трчање во моето место на живеење заедно со Игор Јакимовски кој ме внесе во кралицата на спортовите и токму тогаш стартуваше мојата атлетска кариера.
Superior Runs: Кој има најголемо влијание за твоите достигнувања како тркач?
Дарио: Секако тоа е Игор МС и неизмерната поддршка на моето семејство како најголем ветер во грб.
Superior Runs: Со какви предизвици се соочуваше од почетокот до денес да станеш првиот македонски олимписки маратонец?
Дарио: Како и секој национален спорт, така и атлетиката. Предизвици на секој чекор, во секое време и во голем број. Но, токму тие предизвици кои на некој начин се пречка за развој и напредок те тераат да успееш по потешкиот пат. Кога ќе успееш на таков начин, тогаш чувството е неверојатно. Токму пласманот на Лои Париз 2024 година е најсликовит пример за мене и сите предизвици низ кои поминав цела деценија за остварување на олимпискиот сон.
Superior Runs: Како психички и физички се подготвуваше за Олимписките игри во Париз? Имаше ли нешто што го правеше поинаку од твојот вообичаен тренинг?
Дарио: Токму тие два момента се клучни за вистински репрезент на најголемиот светски собир. Мојата подготовка за настапот на ЛОИ беше добро испланирана и воедно реализирана. Највеќе работев на физичката подготовка преку засилен тренинг, додека моето искуство ме направи многу психички подготвен за секој мој следен маратон.
Superior Runs: Каква улога игра твојот тренер во вашиот успех и како еволуираше вашата врска низ годините?
Дарио: Со Игор Емси сум заедно цела деценија. Ние сме повеќе од едно вистинско семејство кое го изградивме макотрпно со взаемна самодоверба која растеше од година во година. Неговата улога е многу битна за мене и мојата кариера бидејќи тој едноставно е 100% посветен на секој момент кој го дели со мене. Понекогаш и воопшто не го прашувам за некои наши дневни, неделни и подолготрајни рутини бидејќи тој однапред ги има испланирано и завршено како вистински војник по кој сите го препознаваме. Се што е врзано за атлетиката како тренинг, натпреварувања и големи цели заедно ги планираме и заедно носиме одлуки.
Superior Runs: Какво е чувството да застанеш на стартната линија со спортисти од целиот свет, знаејќи дека ја претставуваш Македонија?
Дарио: Моето големо искуство и еден куп силни меѓународни натпреварувања ме направија спортист кој рамноправно и без некоја посебна трема застанува рамо до рамо со најголемите атлетичари во светот. Едноставно кажано ја бркам мојата поставена цел и со ладна глава.Тоа е резултат на долгите години национален репрезент за нашата Македонија. Воопшто немам никакви предрасуди и прашалници за секој мој следен старт на голема трка.
Superior Runs: За време на олимпискиот маратон, на средината од трката се соочи со повреда на стапалото и коленото. Како успеа да ја пребродиш болката и да ги завршиш 42-те километри?
Дарио: Маратонот во Париз ќе го памтам цел живот по се она што го преживеав за време на трката. Имав лоша среќа и морав да трчам скоро 80% од маратонот со големи болки, кочници и пред се борба во главата. Само јас и Господ знаеме низ што се поминав и како издржав до целта. Откажувањето не беше опција во никој случај како што гледав долж патеката што им се случуваше на десетина големи класи маратонци. Неможев да поверувам како тоа слушам постојано од публиката ДАРИО, МАКЕДОНИЈА и воедно ги гледам македонските знамиња, а мене светот ми се руши од неможноста да го дадам најдоброто од себе.Трчав и се помираував со реалноста , но и со болките кои на моменти на стапалото стануваа се поинтензивни. Си велев и сам се мотивирам дека морам да финиширам. И ете некако успеав да стигнам до целта. За моја несреќа ова мене ми се случи баш на мојот маратон на животот. Но, тоа е спортот.
Superior Runs: Како се чувствуваш сега? Кажи ни нешто повеќе за процесот на опоравување после повредата?
Дарио: Искрен да бидам враќањето ми оди бавно и самата рехабилитација на повредата. Ги пропуштив трките во месец септември, а така и ќе биде во месец октомври. Дефинитивно се потрошив физички, но признавам и малку повеќе и психички. Сепак и јас сум човечко суштество и имам свои емоции. Но, бидете сигурни дека ќе се вратам појак и оној Дарио по кој е навикната атлетската јавност да ме гледа и препознава.
Superior Runs: Кои се најголемите лекции што си ги научил од твојата тркачка кариера, и како спортист и како личност?
Дарио: Најголемите лекции за еден спортист се токму НАУЧЕНИТЕ ЛЕКЦИИ. Јас учам и напредувам токму од нив како последната од Париз. Ги констатиравме со Игор Емси и во иднина ќе работиме на поправање на истите. Ретко ни се случуваат, но тука се и секој нормален спортист ги има како реалност. Токму тие грешки и научени лекции се основа за следниот успех и победа.
Superior Runs: Каков совет би им дал на младите спортисти во Македонија кои сакаат да се занимаваат со овој спорт?
Дарио: Секогаш да веруваат во себе, во процесот и во луѓето околу нив со кои живеат и работат. Како што напоменав успехот е посладок кога ќе дојде по потешкиот пат.
Superior Runs: Кои се вашите идни цели како спортист? Дали се стремите кон следната Олимпијада?
Дарио: Мојата следна голема цел е настапот на светското атлетско првенство во Токио, Јапонија кое ќе се одржи во септември 2025 година во дисциплината маратон. Секако дека најглавната цел ни се ЛОИ 2028 година во Лос Анџелес, САД