Интерјву со Фросина Михајловска: Професијата ми помага во трчањето
Фросина е 29 годишна горда мајка, посветен полициски службеник и страствен тркач. Позади себе има бројни награди, вклучувајќи го и освоеното 3то место на Superior Runs на 10км. Таа ни раскажа за нејзините почетоци, предизвици и првите победи. Како нејзината професија, добрата организација, дисциплината и љубовта кон трчањето и помагаат во спортските успеси.
Superior Runs: Фросина, најпрво раскажи ни малку за себе. Како започна со трчање и што те привлече кон овој спорт?
Фросина: Јас сум Фросина Михајловска, имам 29 години, мајка на двегодишно дете, живеам во Куманово и работам како полициски службеник во Единицата за брзо распоредување (ЕБР). Моите почетоци со трчање се поврзани со мојата професија. Еден од критериумите за влез во полиција беше физичка подготвеност и токму од тие причини почнав со трчањето за да успеам да ги исполнам потребните норми за вработување. Рекреативно се занимавам со трчање 12 години, но попрофесионално започнав пред 5 години со помош и насоки од мојот инструктор по спорт Тони Јаневски.
Superior Runs: Кои беа првите предизвици со кои се соочи кога навлегуваше во светот на трчањето?
Фросина: Како човек кој што претходно воопшто не се занимавал со спорт се соочив со многу предизвици. Првично ми беше проблем да го надминам негативниот отпор спрема трчањето бидејки истото е исклучително напорно додека ја постигнете бараната кондиција за да одржите континуитет во трчањето. Друг предизвик беше да воспоставам самодисциплина, истрајност и да одржувам баланс помеѓу приватниот, професионалниот и спортскиот живот.
Superior Runs: Зад себе имаш безброј трки и успеси. Кои од нив би ги издвоила како најзначајни за себе?
Фросина: Првата трката пред 5 години беше поттик за да почнам попрофесионално да се интересирам за други натреварувања. Тогаш за прв пат истрчав 10 километри и го освоив првото место кое ме мотивираше да продолжам понатаму. Други позначајни трки кои ми оставиле посебен впечаток се: трка организирана од страна на амбасадата на САД – учествувавме како тим и освоивме прво место, на женска трка Авицена учестуваа околу 3000 тркачи, јас го освоив третото место, мојот втор полумаратон – Wizz Air Скопје 2023, го освоив 7мото место на генерален пласман и 4то на национално ниво (без претходна подготовка за полумаратон).
Superior Runs: Се занимваш со трчање, по професија си полициски службеник – припадник на ЕБР (Единица за брзо распоредување) и мајка на едно дете.
Како твојот професионален живот влијае на трчањето и на кој начин успеваш да ги балансиш овие различни улоги во животот?
Фросина: Најчесто влијае позитивно, бидејќи мојата професија е поврзана со спорт и тоа е голем бенефит за мене. Во склоп на работата задолжително е вклучено време за спорт кое максимално го користам за трчање и на тој начин успевам да ја одржам кондицијата. Секако тоа не е доволно, покрај обврските кои ги имам во улога на мајка, со добра организација успевам да најдам време за трчање. Мислам дека пресудно за да најдете време е добрата организација и љубовта кон трчањето. Секој спортист се соочува со предизвици.
Superior Runs: Дали би можела да ги споделиш највозбудливите моменти кои ја тестирале твојата физичка и ментална издржливост. И како ги надмина?
Фросина: Најголем предизвик за да продолжам со трчањето беше да го надминам негативниот отпор поради искучителниот напор кој се вложува. За да го надминам овој предизвик ми беа потребни години во кои имав доста подеми и падови. Мислам дека клучни беа бенефитите и резултатите од истрајноста. Друг предизвик со кој се соочив беше здравствен проблем кој ме спречуваше да напредувам и да имам подобри резултати. Можам да кажам дека успеав да го решам овој проблем со упорност и дисциплина во исхраната. Кога се реализирав во улога на мајка, предизвик беше да успеам покрај долгите непреспиени вечери да ги исполнам предвидените утринските тренинзи.
Superior Runs: Здравата исхрана е неопходна за одржување на формата. Може ли да ни кажеш нешто повеќе за твојата исхрана
Фросина: Исхраната е клучна за постигнување на посакуваните резултати. Во текот на денот имам 3 до 4-ри нутритивно избалансирани оброци. Се хранам со здрави намирници, избегнувам преработена и рафинирана храна.
Superior Runs: Фросина, освоивте 3-то место на 10км во женска категорија на првото издание на „Superior Runs“. Чест ни е што беше дел од нашата трка. Може ли да ги споделиш најинтересните моменти и твоето искуство од „Superior Runs“?
Фросина: Вашата организација беше на високо ниво. За мене беше интересно искуство заради тоа што прв пат го посетив вашиот град Штип и не бев свесна за тежината на патеката. Цел тек на трката го држев второто место но поради непознавање на теренот не направив добра проценка во распределување на енергијата. Поради тоа, на самиот крај во последните 800 метри, намалив со темпото на трчање и завршив трето место.
Superior Runs: Каков совет би им дала на оние кои сакаат да се занимаваат со трчање, но имаат премногу обврски и динамичен живот?
Фросина: Би сакала да ги охрабрам сите дека истрајноста, самодисциплината, добра организација и љубовта се клучот за да се занимаваат со трчање.
Superior Runs: Кои се твоите идни цели во трчањето?
Фросина: Да продолжам со тренинзите во насока на подобрување на моите резултати и секако учество на државни и меѓународни трки.