Интервју со Мануел Трајчев: Моите рецепти се еднакво вкусни како брзата храна
Во денешното интервју, го имаме задоволството да разговараме со Мануел Трајчев, спортски лик од нашиот град. Но, освен што редовно тренира и трча исто така промовира и здрави рецепти преку неговиот профил на Инстаграм – „The Fitnesscook“.
Мануел ни ја раскажа неговата приказна за почетоците во фитнесот и како ослабнал 25кг за неколку месеци, совети за здрава исхрана и идејата за „The Fitnesscook“, учеството на „Superior Runs“, како и неговите идни планови и амбиции.
Уживајте во инспиративната приказна на Мануел.
Superior Runs: Кажи ни нешто повеќе за твоите почетоци во фитнесот и здравиот начин на живот? Што те инспирираше да започнеш со фитнес профилот „The Fitnesscook“ на Инстаграм?
Мануел: Промените во мојот начин на живот се случија во 2018 год, на неполни 15 години.
Тогаш имав 93кг и немав никакво познавање за исхрана. Само со исфрлање на високо калоричните намирници од мојата исхрана за 3-4 месеци успеав да намалам
25 килограми. Во овој период почнав и да трчам, а по кратко време започнав и со тренинзи во теретана. Од тогаш се заинтересирав повеќе и почнав да истражувам во врска со исхрана и вежбање. Сфатив дека балансирана исхрана не значи да се јaде само зеленчук, овошје и месо со ниска масленост, туку дека може да се консумира било што, нo во умерени количини, односно да се внимава на внесувањето на калориите и макро нутриентите.
Откако научив повеќе за исхраната, почнав да готвам различна храна, чии рецепти сам ги смислував. За време на пандемијата во 2020 година, кога сите бевме затворени дома, решив да си најдам нова занимација и го направив профилот „The Fitnesscook“ каде што ги постирам моите рецепти.
Superior Runs: На твојот фитнес профил „The Fitnesscook“ може да се најдат нискокалорични здрави рецепти кои се еднакво вкусни како традиционалната брза храна. Како доаѓаш до овие креативни и здрави рецепти?
Мануел: Често пати луѓето имаат погрешна претстава дека здравата храна не е вкусна, меѓутоа мојата цел е да прикажам дека здравата храна може да биде подеднакво вкусна како и брзата храна. Најчесто тргнувам од некое јадење кое ми се допаѓа и е висококалорично, па правам измени за да ги намалам калориите, мастите и јаглехидратите, а да ја покачам содржината на протеините, притоа внимавам јадењето да го задржи што е можно повеќе оригиналниот вкус.
Superior Runs: Сподели го твојот омилен „The Fitnesscook“ рецепт.
Мануел: Искрено, тешко е да одберам еден рецепт, но нешто што често го јадам е протеинска овесна каша со портокал, темно чоколадо и ресани.
Superior Runs: И покрај тоа што денес се лесно достапни многу информации за здрав живот, луѓето сепак се одлучуваат да готват на стандарден и нездрав начин. Зошто сметаш дека е тоа така?
Мануел: Сметам дека не е така само со исхраната, поголем дел од работите во животот луѓето ги прават по навика. За жал, повеќето сме навикнати на брза храна и ги разбирам дека е тешко да излезеш од својата комфорна зона.
Но, навистина ги охрабрувам сите, најтешкиот дел е почетокот.Верувајте ми дека само за неколку недели ќе стекнете нови и здрави навики.
Superior Runs: Мануел е дел од победничниот тим на конкурсот CINEDAYS: 72 часа ЕКО-ФИЛМ. Тој и неговиот тим освоија прво место со филмот „ГМО“ – Грозно Монструозно Очајно.
Kажи ни нешто повеќе за идејата и пораката зад вашиот филм „ГМО“?
Мануел: Пораката која сакавме да ја пренесеме со овој филм е дека новиот начин на масовно производство на храна ја уништува истата. Како што е прикажано во филмот, едно прекрасно природно јаболко, после „тортурата“ со хемикалии станува вештачко. На изглед добро, а на вкус не потсетува на јаболко.
Затоа сметам дека индустриското производство на храна го намалува квалитетот, а притоа ја прави храната штетна за консумирање.
Superior Runs: Како го балансираш твојот фитнес начин на живот со другите хобија и обврски?
Мануел: Јас се водам под мотото „Кога се сака, сѐ се може“.
Доколку сме упорни можеме да најдеме време за сите наши обврски и хобија.
Само треба добро да го организираме денот, да го скратиме времето кое го трошиме за некорисни активности, а да се фокусираме на нештата кои се навистина добри за нас.
Ќе се земам себе за пример. Студент сум на ФИНКИ, во текот на целата година вежбам редовно во теретана, трчам, внимавам на исхраната, а притоа успеав да стигнам до просек 9,70 на факултет. Во текот на летото работам како кувар, но и на проект поврзан со факултетот, а истовремено вежбам, трчам, и се спремам за маратон.
Superior Runs: Дали следиш специфичен режим на исхрана при подготовка за трка и општо за подобрување на твоите спортски перформанси?
Мануел: Во главно, мојата исхрана е иста во текот на целата година, не правам драстични разлики, единствено еден ден пред трчање на подолга дистанца, јадам повеќе јаглехидрати, за да ги наполнам резервите на гликоген во телото.
Superior Runs: Чест ни е што Мануел беше дел од натпреварувачите на „Superior Runs“ како дел од тимот на нашите поддржувачи City Gym.
Какво беше твоето искуство на првата градска трка во Штип – „Superior Runs?
Мануел: Пред сѐ и мене ми претставува чест што учествував на „Superior Runs“.
Оваа трка беше нешто што му недостасуваше на нашиот град Штип.
Пофалби за организацијата и се надевам дека ќе прерасне во долгогодишна традиција.
Superior Runs: Кои се твоите идни планови?
Мануел: Моментално се спремам за мојот прв маратон (42км), кој ќе се одржи во Скопје на 1 октомври. Покрај студирањето, ќе продолжам како и до сега со редовни тренинзи и да не заборавиме дека секогаш треба да имаме време за дружба, одмор и забава.
I am text block. Click edit button to change this text. Lorem ipsum dolor sit amet, consectetur adipiscing elit. Ut elit tellus, luctus nec ullamcorper mattis, pulvinar dapibus leo.